Skip to Content

Што е тоа сексуален напад?

Ако разбереме што е тоа сексуален напад, тоа ќе ни помогне да преземеме нешто во врска со него.

Вашите права и можности по неодамнешен сексуален напад

1800RESPECT
20 AUG 2014

Сексуален напад е било каков сексуален чин или навестување на сексуален чин што придонесува некое лице да се чувствува непријатно, несигурно или исплашено. Тоа е однесување што лицето не го поттикнувало или посакувало.

Сексуален напад е изневерување на довербата и одрекување на правото на секој човек сам да решава што се случува со неговото тело. Сексуален напад е злоупотреба на положбата и на силата.

Сексуален напад може да биде извршен врз возрасни лица и врз деца, врз жени и мажи и врз луѓе од секакво потекло.

Сексуалниот напад може да се нарекува и сексуално малтретирање или сексуално насилство. Изразите што се користат за да се опише сексуален напад, како што се силување и сексуално малтретирање, имаат општо значење кога се користат во секојдневниот разговор, а имаат специфично значење кога се користат за да се опишат со нив одделни сексуални прекршоци што според законот претставуваат кривични дела. На ова место на интернет тие зборови ги користиме со општо значење и даваме само општи информации.

Ако мислите дека бил извршен кривичен сексуален прекршок и сакате да поднесете поплака, можеби ќе сакате да побарате натамошни совети. Тоа може да го сторите ако се јавите во службата за сексуални напади во вашето подрачје [на англиски јазик], во полиција, кај вашиот лекар или кај приватен адвокат. Времето што изминало може да биде важно, а тие служби можат да дадат информации за правата и расположивите можности.

Сексуалните напади се случуваат во многу форми

Ако сфатиме што е тоа сексуален напад, тоа ќе ни помогне да преземеме нешто кога некој роднина, пријател или клиент ќе ни открие дека бил нападнат. На следниот список се дадени некои примери на сексуален напад:

  • Сексуално вознемирување.

  • Несакано допирање или бакнување.

  • Изнудување или присилување на сексуални активности или активности поврзани со сексот, вклучувајќи активности што вклучуваат насилство или болка.

  • Покажување на половите органи пред други луѓе против нивната волја.

  • Следење и скришно гледање други луѓе.

  • Кога некој ве гледа без ваша дозвола додека сте голи или додека имате сексуални активности.

  • Објавување сексуални слики на интернет без дозвола.

  • Некој ве присилува или принудува да гледате порнографија или да учествувате во неа.

  • Ставање разни дроги во пијалокот, или користење на дрога и алкохол за да се намали или загуби способноста на некое лице да донесува одлуки во врска со сексот или сексуалните активности.

  • Имање секс со лице што е заспано или што е под тешко влијание на алкохол и/или на други дроги.

  • Шеги или приказни што се безобразни или што навестуваат нешто безобразно, или покажување на слики што содржат секс, како составен дел од принудувачко, заплашувачко или искористувачко однесување.

  • Силување (влегување во кој и да било телесен отвор со каков и да било предмет).

  • „Спријателување“ со дете или со ранлива личност заради впуштање во каков и да било вид на сексуални активности.

  • Секој сексуален чин со дете.

Сексуален напад не е исто што и сексуално изразување. Сексуален напад е несакано сексуално однесување при кое се користи заплашување, принудување или присилување за да се наметне сила или за да му се одземе на некого правото на избор. Сексуалниот напад и малтретирањето може да биде еднократен настан или дел од подолгорочно насилство. Има низа разновидни последици, вклучувајќи телесни, душевни и психолошки последици.

Факти за сексуалниот напад

Еве некои важни работи што треба да се знаат за сексуалниот напад:

  • Повеќето сексуални напади ги вршат мажи врз жени и деца.

  • И на мажи им се случуваат сексуални напади; најчесто извршени од други мажи.

  • Повеќето луѓе на кои им се случува сексуален напад го познавале или неодамна го запознале извршителот на нападот.

  • Некои чинови на сексуален напад истовремено претставуваат и кривични дела според законот.

  • Пријавувањето во полиција може да биде тешка одлука. Ограничувањата на нашиот судски систем и начинот на кој се прибираат доказите може да бидат пречка.

  • Луѓето на кои им се случил сексуален напад реагираат на многу различни начини, понекогаш со силни чувства, а понекогаш со повлекување во себе. Ако ги сфатиме душевните повреди што ги причинува насилството извршено врз некое лице од страна на друго лице што му е познато, тоа ќе ни помогне на соодветен начин да преземеме нешто против тоа.

  • Сексуалниот напад претставува злоупотребување на нерамнотежата во силата и моќта што постои во општеството. 

  • Најголемиот дел од сексуалните напади не се пријавуваат во полиција.

Последиците од сексуален напад

Насилството што се врши врз некое лице од страна на друго лице што му е познато, каков што е сексуалниот напад, спаѓа меѓу најпотресните работи што може да му се случат на некој човек. Ако одговориме на непосредните потреби на жртвата/преживеаното лице со тоа што ќе им поверуваме и ќе ги сфатиме сериозно, тоа може да помогне да се намалат натамошните штети. Исто така е важно да продолжиме да им даваме поддршка на таквите лица додека закрепнуваат; а важно е и да го сториме тоа на начин и во време што на нив им одговараат.

Ако сакате да добиете повеќе информации како да дадете поддршка на жртва/преживеано лице, погледнете ја страницата Како да му дадете поддршка на некој што доживеал сексуален напад.