Skip to Content

Поддршка за жртвите/преживеаните

Како да му дадам поддршка на некој што искусува домашно и семејно насилство? Домашното и семејното насилство се честа појава – секоја трета жена искусува домашно или семејно насилство во текот на својот живот. Има некои практични работи што може да ги сторите за да помогнете.

Домашно и семејно насилство: безбедноста на децата

1800RESPECT
21 AUG 2014

На што треба да обрнам внимание?

Постојат однесувања и знаци што често се среќаваат кај луѓето што искусуваат домашно и семејно насилство. 

Луѓето што искусуваат домашно и семејно насилство може:

  • Да престанат да излегуваат од дома без некоја посебна причина или, кога ќе ги прашате, велат дека тоа не им е дозволено.

  • Изгледаат вознемирено, потиштено, изморено или истоштено без некоја очигледна причина.

  • Изгледаат плашливо, претпазливо, самокритично или самопотценувачки кога се во близина на својот партнер, или пак изгледа дека нивниот партнер се однесува спрема нив грубо или лошо.

  • Имаат повреди или лежат во болница, а тоа вам ви е сомнително.

  • Постојано се правдаат поради своите излегувања или трошоци.

  • Велат дека партнерот ги следи, надгледува, демне или контролира.

Ако сакате да дознаете повеќе, ве молиме прочитајте го делот Што е тоа домашно и семејно насилство?

Поставување прашања

На крајот, единствениот начин да бидете сигурни дека има проблем е да го прашате лицето што се случува.

Се разбира, тоа може да биде тешко.

Роднините или пријателите може да се обидат со директни умерени прашања, на пример:

  • Дали е сè во ред дома?

  • Ти ги забележав модриците, дали некој ти ги направи?

  • Изгледа дека се плашиш од твојот партнер, дали е сè во ред?

  • Добро ли си?

Оставете простор да го ислушате вашиот пријател или близок и дајте му можност да зборува насамо со вас, ама немојте да го притискате и немојте да се расправате. Притисокот и расправиите може да го натераат вашиот пријател или близок уште повеќе да се повлече во себе. 

Што да сторите

Потребна е храброст за да се зборува за малтретирањето. Многу жртви/преживеани се плашат дека никој нема да им верува. Кога некој ви кажува дека е малтретиран, многу е важно неговиот страв да го сфатите сериозно, дури и ако мислите дека неговиот партнер или бивш партнер изгледа како да е симпатичен, добродушен или фин човек. Луѓето што вршат домашно и семејно насилство може многу успешно да се прикажуваат себеси пред другите луѓе како да се добри. Тоа може да биде составен дел од нивното насилно однесување.

Еве некои начини како да му помогнете на вашиот роднина или пријател:

  • Сфатете ги неговите стравови сериозно.

  • Никогаш не е во ред да се користи насилство. Не обвинувајте го лицето и немојте да ја намалувате одговорноста на насилникот за насилното однесување.

  • Постојат многу пречки, тешки избори, а честопати и сосем основани стравови и загриженост при напуштањето на насилниот партнер – вклучувајќи зголемување на насилството, останување без покрив над главата и сиромаштија. Жртвата/преживеаниот може да не е подготвен да си замине, или пак може да не е безбедно да го стори тоа.

  • Запомнете дека домашното и семејното насилство опфаќа многу повеќе работи отколку само чинови на телесно малтретирање. Насилниците се обидуваат да ја уништат самодовербата преку користење на омаловажувачки зборови и преку злоупотреба на чувствата и се обидуваат „да ги скршат“ луѓето што ги малтретираат. Оддајте им признание на силата и на издржливоста со кои се зачувале себеси и своите деца безбедни.

  • Помогнете да се разгледаат можностите за да останат безбедни, без оглед на тоа дали ќе си заминат или ќе останат да живеат со насилникот. Погледнете ја страницата за планирање на безбедноста.

  • Помогнете на практични начини – со превоз, со закажување на состаноци, со чување на децата или со тоа што ќе понудите место каде што можат да избегаат. Дознајте кои служби се занимаваат со домашно и семејно насилство и понудете помош за да закажат состанок со тие служби.

  • Гледањето на насилството остава лоши последици врз целото семејство. Ако притоа има и деца, овозможете им да почувствуваат дека се грижите за нив и дека ги поддржувате и побарајте соодветна помош за нив преку некоја од службите за деца и семејства во вашето подрачје [links].

  • Поразговарајте за судските налози за заштита во вашата држава/територија.

Запомнете, домашното и семејното насилство може да биде опасно. Телефонирајте на 000 ако ваш роднина, пријател или нивните деца се повредувани, или ако се плашите дека наскоро може да бидат нападнати.

 

Ако сакате да дознаете повеќе за тоа како можете да помогнете:

 

Во случај на непосредна опасност, телефонирајте на 000 и побарајте помош од полицијата.

За да направите телефонски повик во итен случај преку машина за пишување по телефон (TTY) или преку Националната служба за поврзување (National Relay Service), погледнете на Calls to emergency services